Monday, September 10, 2012

Божјата љубов и Личноста


Христијанската љубов е ‘возможна невозможност’ да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во мојот живот, макар и само за момент, не само како повод за ‘добро дело’ и заради вежбање на човекољубивост, туку како почеток на вечно дружење во Самиот Бог. Оти, што е љубовта ако не таинствена сила којашто го надминува случајното и надворешното во ‘другиот’ – неговиот физички изглед, социјалната положба, етничкото потекло, интелектуалните способности – и досегнува до душата, единствениот личен корен на човековото суштество, делчето од Бога во него. Бог го љуби секој човек затоа што Тој Единствен го знае бесценото и апсолутно сокровиште – душата, човековата личност којашто Тој му ја дарил на секој човек. На тој начин, христијанската љубов станува учество во тоа божествено знаење и дар на божествената љубов. Љубовта не може да биде безлична, затоа што таа е чудесно откровение на личноста на човекот, на личното и единственото во општото и заедничкото. Љубовта е откривање на она што може да се сака во човекот, на она што му е дадено од Бога.

Во овој однос, христијанската љубов е нешто спротивно на ‘социјална активност’ со којашто денес често го идентификуваат христијанството. За социјалниот активист, предмет на љубовта не е личноста туку човекот, апстрактен дел земен од не помалку апстрактното човештво. Но, за христијанството, човекот е предмет на љубовта затоа што е Личност. Таму личноста се сфаќа како човек, а тука човекот се гледа само како личност. За социјалниот активист, личноста не претставува никаков интерес и тој често ја жртвува во име на ‘општото добро’. Може да се заклучи, не без основа, дека христијанството се однесува мошне скептично кон апстрактното ‘човештво’, но тоа се изменува себеси и прави смртен грев секогаш кога ќе ја занемари грижата за одделната личност и љубовта кон неа. Социјалниот активизам секогаш е ‘футуристичен’ во својот пристап. Тој секогаш дејствува во име на праведноста, поредокот и достигнувањето на идната среќа. Христијанството пак, малку се грижи за загадочната иднина, а сета своја сила ја насочува кон сегашниот, единствениот момент кога треба да се покаже љубов. Овие две гледишта не се исклучуваат едно со друго, но не треба да се помешаат. Без сомнение, христијаните носат одговорност по однос на земниот живот и должни се да ја земат на себе и да ја исполнат. Дејноста на социјалниот активист целосно му припаѓа на земниот живот. Но, целта на христијанскиот живот е зад пределите на земниот живот. Таа, самата по себе, е зрак што произлегува од Царството Божјо, таа поминува низ сите ограничувања и условности на земниот свет, затоа што нејзината движечка сила, како и целта и крајот – се во Бога. И, ние знаеме дека единствената постојана и преобразувачка победа во овој свет којшто ‘лежи на зло’ е победата на љубовта. Вистинската и единствена мисија на Црквата се состои во тоа да му напомнува на човекот за таа лична љубов и за неговата повиканоста да го исполни грешниот свет со љубов. 

No comments:

Post a Comment