Friday, August 3, 2012

Сакраментална молитва ('И' повеќе од 'Или')


Според мене, низ вековите, за жал, се има појавено една сосема непотребна поделба меѓу Христијаните. На една страна се оние кои ги потенцираат литургијата, сакраментите и пишаните молитви. На друга страна се оние што ја потенцираат интимноста, неформалноста и спонтаната молитва. Секоја од овие групи гледа на другата со некаков вид на побожна надменост.

Токму тука имаме потреба од тоа свето и обединувачко ‘и’. Нема потреба да бираме меѓу овие работи. И двете се инспирирани од истиот Дух. Можеме да бидеме издигнати во состојба на висока и света почит преку богатството и длабочината на доброосмислената литургија. Исто така, можеме да бидеме воведени во еден неверојатнен восхит преку топлината и интимноста на спонтаното обожавање. Нашата духовност би требало да може да ги прифати и двете.


Дури и сега, после толку години, добро се сеќавам на мојот експеримент со ‘безрелигиозното христијанство’, една популарна идеја што беше инспирирана од писмата што Дитрих Бонхофер ги пишувал во затвор. Вака изгледаше мојот експеримент: требаше да живеам во постојано заедништво со Бог три месеци без какви било надворешни ‘помагала’ – без Библија, без литургија, без евхаристија, без проповедање, без служби, без одредено време за молитва, без ништо. Бог беше милостив кон мене за време на тие девеесет дена, но далеку најважното нешто што го научив беше тоа колку очајно ми требаа тие ‘помагала’ да продолжам да се стремам кон Божествениот Центар. Открив дека редовните шеми на посветеност и обожавање го формираат скелетот на кој што може да се градат мускулите и ткивото на непрекината молитва. Без таа надворешна структура, внатрешните копнежи на срцето по Бог едноставно не можеа да се одржат. Овие редовни шеми, обично наречени ритуали, се всушност средства за благодат што Бог ги одредил. 

(Извадок од книгата 'Молитва' на Ричард Фостер од поглавјето 'Сакраментална молитва')