Monday, February 20, 2012

Отвореноста на молитвата


"А едновремено со тоа приготви ми и сместување, зашто се надевам дека, преку вашите молитви, ќе ви бидам даруван". Филемон 1:22.


Мислам дека некогаш имаме тенденција да ги занемаруваме малите посланија, можеби сметајќи дека во нив нема да најдеме "длабок" материјал, но интересно е колку еден "обичен" стих како овој може многу да ни зборува.

Сакам да спомнам две работи што овој стих според мене ги зборува.

Прво, тука, а и уште на неколку места гледаме каков став имал Павле во однос на животот и молитвата. Павле бил постојано во движење, обидувајќи се да ја искористи секоја можност да го проповеда евангелието и да започнува цркви насекаде каде што одел. Во една прилика, во Дела 16, Светиот Дух морал да му забрани на Павле да го проповеда словото во Азија. На друго место, во Римјаните 15, тој им вели дека планира да оди во Шпанија и дека успат сака да ги посети. Во овој стих во Филемон гледаме дека ако е ослободен, сака да оди и да ги види верниците во Колоси. Значи од овие стихови можеме да заклучиме дека Павле знаел дека е во Божјите раце и дека немал целосен и детален "план" за животот туку силна желба да му служи на Бог. Таа желба го движела, а Бог ја управувал неговата ревност, нормално преку Павловата понизност кој го прифаќал Божјото водство. Некои од плановите што ги имал Павле знаеме дека не се оствариле, но важното е тоа што тој бил доволно понизен да го прифати Божјиот план за него. Тоа значи дека е во ред да не ни е испланиран целиот живот и да одиме и живееме чекор по чекор. Додека го бараме најпрво Бог и Неговото Царство, можеме да бидеме сигурни дека Тој ќе не води во секој чекор од животот. Верувам дека Бог ни дава право на избор и дека не е се предвреме зацртано од Него, но добро би направиле кога би го барале Неговото водство, особено за големите одлуки во животот. А плус тоа му дава на животот елемент на авантура.

Втората работа што можеме да ја научиме од овој стих е 'отвореноста на космосот'. Што мислам со тоа? Тоа дека не е се однапред предодредено, туку дека молитвата може да ги менува работите. Во случајов, Павле верува, иако бил во затвор и не знаел што ќе се случи со него дека преку молитвата може да биде ослободен и да ги посети.
Преку молитвата можат да се случуваат натприродни работи (чуда, исцеленија и сл.), да се омекнуваат срцата на луѓето, да се менуваат ситуации кои ни изгледале непобедливи или проблеми кои ни изгледале непремостливи. Постои огромен потенцијал и сила во молитвата! Таа не е шема или однапред одреден склоп на зборови, туку отворено општење со Бог. Молитвата треба да произлегува од еден активен и динамичен однос со Бог.