Saturday, September 1, 2012

Евхаристија - предвкус на Царството

“Вршењето на Евхаристијата секогаш е празник и радост. Тоа пред се е тајна на јавувањето на Христа, Негово присуство среде своите ученици и затоа многу реално празнување на Неговото Воскресение. И навистина, јавувањето и присуството на Христа во Евхаристијата за Црквата е доказ на неговото Воскресение. Во радост и горење на срцата, коишто ги почувствувале учениците на патот за Емаус, Христос им се откри Себеси во кршењето на лебот (Лука 24:13-35). Во Црквата, тоа е вечен извор на опитното и суштинското познание на Воскресението. Никој не го видел Воскресението на Спасителот, но учениците поверуваа во Него, не затоа што некој ги научил на ова, туку затоа што го видеа воскреснатиот Господ, кој им се покажа при затворената врата (“заклучената врата“). Тој им се јави и учествуваше со нив на трпезата.

Евхаристијата е истото тоа јавување и присуство, истата таа радост и горење на срцето, истата таа надразумна и во исто време апсолутна увереност дека Воскреснатиот Господ се јавил при кршењето на лебот. И толку е голема таа радост, што во првата христијанска Црква денот на Евхаристија не бил еден од деновите, туку Ден Господов, ден веќе надвор од времето, бидејќи во Евхаристијата веќе се предвкусува Царството Божјо. За време на Тајната Вечера, Христос им кажал на Своите ученици дека им го ветил Царството за тие да можат да јадат и пијат на трпезата Негова во Царството Негово. Бидејќи Евхаристијата е присустност на Воскреснатиот Спасител Кој се вознел на небото и седи оддесно на Отецот - таа е учество во Неговото Царство, коешто не приопштува кон радоста и мирот на Светиот Дух. Причеста е храна на бесмртноста, небесен леб, а ние, приближувајќи се кон Светата Трпеза, навистина се вознесуваме на небото. На тој начин, Евхаристијата е празник на Црквата, или уште подобро, самата Црква, како празник, како радост за присуството на Христа, како предвкусување на вечната радост во Царството Божјо. Секогаш, кога Црквата врши Евхаристија таа е на Небото, во својата небесна Татковина, таа се воздигнува таму каде што се вознесе Христос, за да јадеме и пиеме на Неговата Трпеза во Неговото Царство“.

А.Шмеман

No comments:

Post a Comment