Monday, April 2, 2012

"Големо разбирање" (покајание)

Но што, всушност, значи покајание? Тоа вообичаено се смета за жалење поради сторениот грев, чувство на вина, чувство на жалост и страв поради раните што сме им ги нанеле на другите, но и на самите себе. Меѓутоа, ваквиот поглед е опасно некомплетен. Жалоста и стравот се, навистина, често присутни при покајанието, но покајанието не може да се сведе само на овие две нешта. Тие не се дури ни најважниот дел од покајанието. Поблиску до суштината на проблемот можеме да дојдеме ако се осврнеме на буквалното значење на грчкиот израз за покајание, метаноја. Метаноја значи "промена на мислењето", не само жалење за минатото, туку фундаментална трансформација на нашето сфаќање, нов начин на гледање на самиот себе, на другите и на Бога - или, кажано со зборовите на Пастирот од Јерма, "големо разбирање". Големо разбирање, но не нужно и емоционална криза. Покајанието не е највисок степен на грижата на совеста и срам од самиот себе, туку преобразба, сосредоточување на нашиот живот во Света Троица.

Како "нова свест", преобразба, сосредоточување, покајанието е позитивно, а не негативно. Со зборовите на св. Јован Лествичник, "Покајанието е ќерка на надежта и одрекување на безнадежноста". Тоа не е малодушност, туку желно очекување; тоа не е чувство на безизлез, туку наоѓање излез; тоа не е омраза спрема мене самиот, туку потврда на моето вистинско јас, направено според Божјото подобие. Да се кајам не значи да гледам кон моите недостатоци, туку кон Божјата љубов; не назад со самопрекорување, туку напред, со целосна доверба. Покајанието не значи да се согледа она што сум пропуштил да бидам, туку она што, со Христовата благодат, се' уште можам да станам".

(Извадок од книгата 'Во нас е царството' од Калистос Вер)

No comments:

Post a Comment